Вардар во Струмица става печат на есенската титула!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар денеска (13 часот) во Струмица ќе се обиде најмалку со бод да ја завери есенската титула во оваа сезона, во пресметката со Академија Пандев во ова претпоследно 17-то коло во кое црвено-црните влегуваат со пет бода предност пред струмичани, а осум пред главниот ривал за круната Шкендија, која во второто дерби во оваа рунда го пречекува Шкупи.

Откако Академија Пандев пред две ипол години влезе во македонската елита, Вардар од најмладиот клуб нема ниту еднаш доживеано пораз со пет победи во деветте досегашни меѓусебни мечеви, но лани дури трипати овие две екипи ремизираа меѓусебе, а сезонава во Скопје, Вардар победи со гол од пенал (1-0), што е потврда дека и денеска се очекува цврст и доста неизвесен меч во кој нијанси и поголемата концентрација при изгледните шанси ќе го решаваат победникот. Ова е петто гостување на Вардар кај пандевци, а освен првото кое го добија, во следните три освојуваа бод и тоа двапати ремизирајќи 1-1, а еднаш без голови.

Сериозен хендикеп за Вардар е неодстатокот на Дарко Мицевски во средниот ред, но добра вест е што се враќаат Филип Најдовски и Али Адем, кој поради суспензија за жолти картони паузираа на гостувањето во Кратово. Кај Академија Пандев, ќе го нема повредениот Љупчо Дориев, кој е прва ударна игла, а тоа што е најинтересно, дербито на водечките два тима доаѓа во момент кога и двата тима се во резултатска криза. Пандевци повеќе од еден месец немаат прволигашки триумф во пет меча во кои трипати ремизираа, а двапати загубија. Вардар , пак, влезе во криза од поразот во Струга (1-2), па на него врза две ремија со Шкупи и Силекс (1-1, 2-2).

Ќатип Османи после скоро три месеци откако си замина од Шкендија се враќа во Тетово во пресметка против својот поранешен клуб, сега како тренер на Шкупи. Османи на дебито ја победи Шкендија на Чаир, па сега посакува да освои бод(ови) најмалку да се приближи кон врвот, а со триумф и да запоседне на третото место на табелата. Шкендија сезонава покажа две лица, на добар тим како домаќин и на очаен како гостин, па тетовци остануваат фаворити за триумф, но досега многупати не ја оправдаа фаворитската улога. Цели три години Шкупи не се радувал во Тетово, а оттогаш има пет порази на последните шест гостувања.

За да излезе од дното, Работнички денеска ќе мора да врзе втора победа во серија и тоа против незгодниот Силекс, кој изненадувачки сезонава собра веќе 23 бода, но дебармаалци ги очекува незгоден ривал, кој покажува на секој меч дека знае што сака и дека незалудно има скоро ист број на бодови како првакот Шкендија.

„Дербито за опстанок“ се игра во Велес, каде Борец ја пречекува Ренова со желба без пораз да ја заврши оваа есенска полусезона на домашен терен, на кој досега ги освои сите можни бодови. Тетовци доаѓаат во Велес исто така да останат непоразени, а двата тима со по 16 бода сега се израмнети во дното на табелата, па денеска дури и реми многу нема да им одговара на двата тима, зашто ако победи Работнички практично и двата ќе ги стигне во таа пеколна битка за опстанок, која би се случила во пролетниот дел од сезоната.

ПРВА ЛИГА, 17. КОЛО (13 ЧАСОТ)

СТРУМИЦА: Академија Пандев – Вардар

ТЕТОВО: Шкендија – Шкупи

ВЕЛЕС: Борец – Ренова

СКОПЈЕ: Работнички – Силекс

ВЧЕРА

Македонија ЃП – Струга Трим Лум 1-1 (1-1)

Јашароски 7 – Османи 1

ТАБЕЛА: Вардар 32 бода, А. Пандев 27, Шкендија 24, Македонија ЃП 23, Силекс 23, Струга ТЛ 23, Шкупи 22, Ренова 16, Борец 16, Работнички 14.