Охрид ќе остане без спаринг партнери - му откажа уште еден тим
По Новаци и Арсими кои во текот на денот соопштија дека не сакаат да играат со Охрид, вечерва истото го направи и Тетекс кој требаше да се сретне со овој ривал на 28 јануари.
„ФК Тетекс информира дека одлучи да не го одигра планираниот контролен натпревар со ГФК Охрид, кој е закажан за 28.01.2026 година. Одлуката е донесена по интерна анализа и сериозно разгледување на околностите што во последниот период ја вознемирија фудбалската јавност, а кои се поврзуваат со активности во кои е вклучен ГФК Охрид. Во вакви услови, клубот смета дека не постојат неопходните предуслови за нормална спортска соработка.
ФК Тетекс како клуб со јасен став и принципи не може да си дозволи учество во натпревари кои, дури и индиректно, можат да остават простор за сомнеж во регуларноста и спортската етика. Оваа одлука е донесена исклучиво во интерес на заштита на угледот на ФК Тетекс, нашите фудбалери, навивачи и фудбалот во целина“, стои во соопштението на тетовскиот клуб.
На почетокот на подготовките, на 12 јануари, Охрид соопшти дека планира да одигра пет подготвителни натпревари. Првиот беше токму против Работнички, три откажаа што значи дека евентуално би му останал уште еден, но прашање е дали во вакви услови некој би сакал да излезе на мегдан со овој клуб.
Што се однесува до Тетекс, тој утре ќе почне со подготвителни дуели. Пзрв противник ќе биде Скопје, на 31 јануари ќе се сретне со Саса, на 5 февруари со Тиквеш, три дена подоцна со Напредок, а генералната проба треба да ја има на 14 февруари со Шкендија Арачиново.