Унгарија се врати од минус седум и не дозволи победа на Швајцарија!

Унгарија и Швајцарија одиграа нерешено 29-29 во нивниот прв натпревар од главната фаза на Европското првенство во ракомет, Швајцарците може да жалат што не победија.

Мечот имаше исклучително драматичен тек, на крајот ниту една од двете селекции не дојде до победата.

Швајцарците на полувремето имаа шест голови предност, беше 20-14 за нив, а во текот на вториот дел неколкупати имаа водство од седум гола. Од 25-18 за Швајцарија, тие до крајот на мечот дадоа само четири гола, а Унгарците дури 11 и успеаа да дојдат до реми од 29-29.

Најефикасен во составот на Унгарија беше Роста со пет голови, кај Швајцарија Рубин реализираше седум.

Во главната фаза двете репрезентации имаат по еден бод.