Газдата на Вардар потврди: Во завршни преговори сме со Унгарците, апелирам до сите за трпение!

Додека се чека унгарска енергетска компанија да влезе во Вардар, според најавите после Божиќ да завршат сè во преземањето на најтрофејниот клуб во Македонија, напаѓачот Симеон Христов денеска ги шокира сите со заминувањето во Гостивар, најголемиот конкурент на црвено-црните за влез во елитата. Јавноста и навивачите се загрижени, се прашуваат, дали ќе има спас за Вардар или почнува нов егзодус?

Ерата на Сергеј Самсоненко заврши неславно со испаѓање на клубот во Втора лига, после две години турбулентен период и беспарица, по што Слободан Крстевски се нафати да го спасува најголемиот македонски бренд дури и сосе милионски долг (се шпекулира за три милиони).

Но, ниту долгот е исчистен, ниту во првата сезона во Втората лига експресниот кам-бек во домашната елита беше изборен. И сега откако летово Вардар скоцка добар тим, за бод заостана зад лидерот Гостивар, заминувањето на Христов повторно го вклучи алармот кај навивачите, само неколку дена откако излезе информацијата дека во завршна фаза е влегување на унгарски енергетски гигант кој има сериозни планови во црвено-црните.

„Апсолутно ги разбирам играчите, кои немаат долго време земено плата, тешка е ситуацијата, а ние се боревме да излеземе од неа, но повторно влеговме во криза. Искрено очекував некој да си замине, но не очекував дека некој ќе замине кај директниот ривал. Ние пред некое време имавме состанок и јас на фудбалерите најферски им кажав дека тешките денови за Вардар се поминати и треба да се стрпиме само уште малку, зашто сме во преговори со голема компанија која ако влезе ќе биде најголемата странска спортска инвестиција во Македонија. Станува збор за навистина многу сериозна компанија, која сака да вложи сериозни средства и има големи амбиции“, вели Крстевски за Спорт 1, додавајќи:.

„Без оглед на тоа, јас и на јавноста и на сите околу мене им реков дека имаме решение. Имавме еден нов план и систем, како во Севилја и Барселона, да не бидеме зависни од политиката, од државата, туку таа политика да се тргне од Вардар и да свртиме нова страница, но треба време и трпение. Тоа што беше замислата е да се продадат акции на големи компании, на навивачите и сите тие да бидат учесници, така да се финансира Вардар, на начин каков што е, пак ќе кажам во Севилја. Таа ни беше првичната идеја, но потоа се јавија инвеститорите од Унгарија, а има и две други комапнии заинтересирани за Вардар и овие преговори се во завршна фаза. После празниците Унгарците треба да дојдат, да ги финализираме деталите и да го преземат Вардар“.

Во второлигашката конкуренција сите фудбалери се аматери, што значи немаат пречка да си заминат, но Крстевски се надева дека фудбалерите што се во Вардар веруваат во овој проект, најавувајќи нови засилувања во претстојниот зимски преоден рок.

„Во Втора лига сите фудбалери се аматери и нема правен начин некого да го задржиме. Сите може да си заминат ако сакаат. И на сите им е доста од ветувања, време е да се направи нешто сериозно, да се види резултат. Јас верувам и убеден сум дека сите што се тука ќе останат, мислам дека веруваат во овој проект и ќе издржат уште некој ден за да се остварат ветувањата. А, зимава ќе бидеме посилни за уште четири-пет имиња и ќе атакуваме на тоа прво место за директен пласман во Првата лига“, посочува вардаровиот газда.

Иако Унгарците после празниците ќе дојдат на завршни преговори во исчекување на официјализација на џиновската инвестиција, после сезона ипол откако Крстевски го има Вардар, не се исполнија најавите дека со преземањето брзо ќе се расчистат долговите, па и експресниот кам-бек.

Сегашниот газда вели дека чувствува одговорност, ама ги запраша и сите - од големите компании до државата, зошто е дозволено Вардар да дојде во ситуација едноставно да – пропадне.

„Мојата првична идеја освен тоа дека во тој момент требаше да се спаси Вардар кој беше во страшна криза, дека финансиски сам нема да можам да го издржам тој товар. Не тргна по планот како што го замислувавме. Чувствувам одговорност секако, но знам дека и тоа што сум го замислил ќе се оствари, иако е една година подоцна од тоа што го планирав. А, замислата беше Вардар да го вратиме на старите патеки, а и поуспешен. Вардар е бренд, единствен македонски бренд, за кого сите во светот знаат. И треба Вардар да го чуваме, а треба и да се запрашаме пред се македонските компании, државата, зашто воопшто е дозволено Вардар да стигне на нова ниво. Јас се надевам со случувањата кои ќе следат во овие месец дена, многу други компании и бизнисмени ќе се освестат и ќе сакаат да бидат дел од Вардар, без оглед дали Унгарците ќе се тука. Треба на сите да им е јасно, а тоа е очигледно дека без силен Вардар нема фудбал во Македонија. И тоа го гледаме со катастрофалните резултати во Европа, каде што речиси нема победа“, вели Крстевски.

Тој побара поддршка и помош од политичките елити, ама без да се мешаат во работата на Вардар само за да уловат политички поени и гласови.

„Мислам дека време е и политичарите наместо да ловат политички поени, наместо да ќаруваат политички гласови, да помогнат да се стабилизира клубот. Доста беше од политикантство. Доста беше политиката да се меша директно, треба сите тие само да помогнат, зашто пак ќе повторам Вардар е бренд и без Вардар нема фудбал во Македонија. Политичарите, било кои да се ВМРО, СДСМ, градоначалничката Данела Арсовска..., треба да помогнат искрено, а не да раководат со клубот или да се мешаат во клупски и фудбалски работи“, додава Крстевски.

Кои се Унгарците кои планираат влез во Вардар? Крстевски не сакаше подетално да навлегува, но посочи дека е сериозна и моќна компанија и дека очекува после финализација на се, тие да ги кажат своите планови и долгорочни цели.

„Станува збор за многу моќна и сериозна компанија. Знаете дека унгарскиот фудбал има многу голем напредок, но Унгарците имаат сериозни инвестиции и во регионов, пред се во ТСЦ во Србија и Осиек во Хрватска. Станува збор за инвестиции од десетина милиони евра во тренинг-комплекс со стадион во Србија, триесетина милиони во Осиек. Оваа компанија е еден гигант, која сака сериозно да инвестира и да го крене Вардар на многу високо ниво, да биде редовен учесник во групи во Европа. Можеби тоа нема да биде ЛШ, ама Конференциска лига, па и зашто да не Лига Европа. Не сакам сега да посочувам поголеми детали, тие треба да дојдат тука да имаме низа состаноци да финализираме се и се надевам дефинитивно ќе се заврши работата, а што планираат и како планираат и кои им се целите сами ќе си ги кажат“, додаде Крстевски.