На Работнички му треба бод за Европа, а на Шкупи – победа!

Најтрофејниот македонски клуб Вардар со победа го запечати вицешампионското место и заедно со Шкендија засега се двата ситурни европски претставници, а по денешното претпоследно коло во Првата лига, остана отворена битката за преостанатите две места од кои едното (четвртото) зависи од „двојната круна“ на тетовци.

Под претпоставка дека нема да се случи „сензација над сензациите“ и дека Шкендија лесно ќе го добие Пелистер во финалето на Купот, нешто што тетовци во меѓусебните дуели досега го покажаа дека се квалитативно светлосни години пред битолчани, тогаш повеќе од јасно е дека Работнички и Шкупи ја имаат пол-позицијата за двете преостанати места. Ова посебно важи за чаирчани, кои денеска со победата во Битола го прескокнаа Силекс и сега им треба триумф за да го запечатат најмалку четвртото место.

Пред последните 90 минути в недела во Првата лига, Работнички има 49 бода, Шкупи има 48, а Силекс 47 бода. И распоредот вели: Работнички – Скопје, Шкупи – Вардар, Академија – Пандев – Силекс.

Математиката пак е уште поедноставна. Силекс може да се избори за место во Европа, само со пораз на Работнички или кикс на Шкупи, но и победа на кратовци во Турново. Математички Силекс со бод против „пандевци“, а пораз на Шкупи од Вардар нема да им биде доволен поради послабата гол-разлика на кратовци во однос на чаирчани, иако меѓусебниот дуел им е ист (по една победа 1-0 и две ремија 1-1).

Од друга страна, Шкупи до Европа може со секој резултат, ако Силекс не победи во Турново, а најсигурна опција им е – победа со Вардар. Работнички, пак, поради подобриот меѓусебен скор со Силекс и тоа за еден гол (по една победа 2-0 и 1-2 и две ремија 0-0), дебармаалци ќе се пред кратовци дури и со Скопје да освојат само еден бод. Но, повеќе од извесно е дека Работнички ќе сака со победа да ја заврши сезоната, но и да го осигура третото место кое носи директен пласман во Лига Европа, за да не зависат „романтичарите“ од милостината на Шкендија (да го освои купот).

Сè на се, се очекува возбудувањата во финалето на оваа сезона да продолжат до самиот крај, иако вака како што стојат работите и со ваква поставеност на табелата, најблизу е Силекс да извиси за местото во Европа и само поради својата лоша серија од шест меча без победа.