Македонскиот првак во 2023 година во претквалификации во ЛШ и еден клуб помалку во Европа?! (ФОТО)

Македонскиот клупски фудбал после новото фијаско на годинешните летни европретставници го допре дното, зашто во следната година ќе тргне како трета најслаба лига во Европа на купската рејтинг-листа на УЕФА и ќе има „борба за преживување“ за да се избегне катаклизмичното сценарио – шампионот да ни игра претквалификации за ЛШ, а на европска сцена да имаме и клуб помалку.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Пред две години предупредивме дека на Македонија и се закажува фудбалска катастрофа, ама очигледно сите или се прават глуви или се прават слепи за да ја видат состојбата во домашниот фудбал кој од година во година е послаб, а на европска сцена тоа се потврдува со мизерните настапи на нашите клубови, па така после летниов ужас со една победа во 12 меча, идното лето тргнуваме како 53-та земја по клупски рејтинг во Европа. Само Црна Гора и Сан Марино ќе се позади нас со полош рејтинг.

Ако во 2018 година бевме на најдоброто место досега 34-та позиција, најмногу поради освоените 3.125 рејтинг-поени со историскиот настап на Вардар во Лига Европа, в година овие поени ги губиме, а ужасот после тоа е евидентен – пад за 19 позиции. Македонија моментно е 44-та за годинешната листа со тенденција да падне за уште некое место во зависност од настапите на најблиските, но потопот ни се заканува веќе од догодина.

Тоа што е најзагрижувачко е што како лигата ни станува се послаба, толку и надежите дека нешто ќе се поправи и на лето се уште помали.

Оттаму стравот дека во летото 2023 година, Македонија ќе има само три клуба во Европа, од кои првакот ќе мора да се мачи преку претквалификациски фајнлфор да избори место во првата рунда за квалификациите за ЛШ. Ранг-листата со рејтинг во идната година практично ги одредува клубовите кој каде ќе игра летото потоа.

Од колку мизерна позиција стартуваме најасен показател е тоа што за да избегнеме претквалификации за шампионот, Естонија ни бега од старт 0,400 рејтинг-поени, а ако ја пресликаме оваа сезона, Естонците освоија двојно повеќе рејтинг-поени од нас. А, дури еден Гибралтар и Андора сезонава имаа поуспешна европска авантура.

Според пријавниот лист (аксес-лист) на УЕФА за следните три години (2021-2024) шампионите на најслабите четири земји на ранг-листата играат претквалификации (од 52-то до 55-то место), а петте најслаби земји, пак, имаат само два претставници во првото квалификациско коло во Конференциската лига – вицепрвакот и победникот на Купот.

Е, сега шансите да за се избегне најголемото фијаско во историјата на нашиот клупски фудбал не се загубени, ама треба да се покаже амбициозност, но и квалитет на теренот, само прв проблем е дали Првата лига го изродува вистинскиот квалитет за Европа, или „шемите“ ќе си продолжат.

Во ФФМ, како и нормално, ќе си ќутат и ќе си свиркаат, зашто „не е нивна работа да се мешаат во клупската политика“, иако најголем виновник за сето ова е токму куќата на фудбалот и константното игнорирање на домашниот фудбал. Зашто оваа гарнитура на раководство во која сѐ е исто, само Илчо (Илчо Ѓорѓиоски – н.з.) го нема, веќе одамна покажува незаинтересираност за домашните лиги, ги интересира исклучиво да се наплати котизација (за Втора лига сезонава), а во изминативе неколку години три клубови практично згаснаа (Турново, Вардар Форино, Лабуништа...).