Освестете се додека не е предоцна: Македонија може да остане со клуб помалку во Европа?! (ФОТО)

Македонскиот клупски фудбал летово го доживеа најголемото фијаско откако за цели две недели остана без клуб во европските квалификации, после мизерниот настап на четирите европретставници (Шкендија, Шкупи, Македонија ЃП и Академија Пандев) со скор од една победа, две ремија и седум порази, поради кои Македонија има втор најслаб учинок сезонава после – Сан Марино.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Македонија поради катастрофата на клупски план веќе падна за четири позиции на рејтинг-листата на УЕФА од 34-то место на 38-то, со тенденција дека ќе назадува уште едно место поради тоа што луксембуршки Дуделанж втора година по ред ќе игра групи во Лига Европа, па освоен бод веројатно ќе нѐ спушти на 39-то место. Но, тоа што Македонија паѓа на листата и не е толку проблематично, ако сите во македонскиот фудбал се освестат и сфатат дека тонеме, зашто молчењето може многу брзо да не однесе во – тотална пропаст. И тоа за најмногу четири години!

Иако доживеавме фијаско, многу очигледно не се потресоа ни клубовите, а уште помалку тие што го водат фудбалот во „куќата“ сместена во Ново Лисиче. Не знаеме дали знаат, ама ужасниот квалитет на домашното првенство и фактот дека и малку поталентираните деца бегаат од земјава, а напливот на странци со сомнителен квалитет е уште поголем ги става макеоднските клубови во таква подредена позиција во која и екипи како Дуделанж, Алашкерт да бидат гиганти за нас и практично да бидеме неконкурентни, со краток претстој на европска сцена.

И сега ако се погледне убаво рејтинг листата на УЕФА, на која Македонија моментно е на 38-то место со 7.375 рејтинг-поени, највпечатливо е тоа дека следните три сезони се клучни за нашиот опстанок. Прво затоа што во сезоните кои доаѓаат, Македонија ќе губи многу бодови во однос на тоа што „заработи“ во последните две (лани 1.000, годинава мизерни 0,500). Така веќе идното лето Македонија ќе загуби 1.500 рејтинг-поени од сезоната (2015/16), следната се губат 1.250 (2016/17), а во 2023 би ја загубиле најголемата зимница од 3.125 рејтинг-поени, остварени благодарение на историската 2017/18 на најтрофејниот наш клуб Вардар со пласманот во групите во Лига Европа.

И сега како стојат работите на очајно лоши прволигаши, веројатно никогаш послаби во последната деценија и самиот факт дека слабите резултати повеќе ги водат и во група на неносители на ждрепката, го ставаат македонскиот фудбал во подредена позиција дека повторувањето на настапите од летово, практично не носат во самото дно на – фудбалски пациенти.

Колку тоа најсликовито значи е податокот, уште отсега, Македонија во 2023 година стартува од 52-то место на рејтинг-листата, или како четврта одоздола. Ова значи дека ако клубовите и федерацијата не се соземат, за квалитетот да се крене, а настапите во Европа да се подобрат, Македонија со слаби резултати и ужасен исход во рејтингот во момент кога сите играат фудбал и победуваат на Стариот континент ќе се доведе да загуби еден претставник на меѓународна сцена.

УЕФА веќе од лани најави дека воведува трето по ранг натпреварување Лига Европа 2, во кое нашите клубови би играле квалификации, зашто ЛШ и Лига Европа која ќе се намали на 32 екипи, практично би биле затворени за големците. Господа од ФФМ и од клубовите, за да ви биде појасно, во следните три сезони ако клубовите ја продолжат годинешната мизерија и да освојуваат помалку рејтинг-поени од сите останати земји, макар тоа било и за 0,001 поен, дното не ни бега. А, со тоа 52-ро место на УЕФА-ранкингот значи дека земјите во сезоната 2024 би имале еден претставник во квалификациите за ЛШ и тоа во претквалификациите, а само два уште во квалификациите за Лига Европа 2 (Н2, Н3 – под претпоставка еден да е вицепрвак, а вториот победник на Куп).

За да не ви биде предоцна, фатете се за работа за да ја избегнете тоталната пропаст и тонењето кое се заканува во - фудбалскиот аматеризам. Четири години отсега делува далечно, ама колку повеќе останатите напредуваат, а ние тонеме – пропаста може да се случи и побрзо. За жал, додека Србија и Хрватска бијат битка за пласман што ќе им донесе половина лига во Европа и два претставника во ЛШ, Македонија ќе треба да се бори за опстанок да не остане на три клуба во Европа.

Пласман на 52-то место на УЕФА-ранкинг листата носи претквалификации за шампионот според аксес-листот на европската централа за циклусот 2021-24...

..., а според тој приемен-лист најслабите четири земји имаат помалку претставници (во случајот со 52-томесто) само два, исто така во претквалификации!