Срамотилаци: Македонија сезонава во Европа послаба и од – Андора и Гибралтар! (ФОТО)

Македонскиот клупски фудбал засилено тоне сѐ подлабоко после новата европска мизерија на нашите претставници, кои вчера и официјално по две рунди на квалификации ги завршија настапите со скор од само една победа во 12-те меча и гол-разлика 6-22, па втора сезона во последните три, клупскиот фудбал доживува тотално фијаско.

Ако пред четири години Вардар испишуваше историја со пласманот и настапот во групната фаза, а Шкендија врза триу плејофи во Лига Европа до 2018 година, во последниот период вистинскиот неквалитет на домашниот фудбал е очигледен на меѓународна сцена. Засрамувачки и срамотно, Македонија е четврта најслаба во Европа.

После ужасниот настап во кој најдобриот наш клуб не успеа ни еден гол да даде во 360-те европски минути, македонскиот фудбал годинава освои мизерни 0,625 рејтинг-поени и само три земји се послаби од нас. Изненадувачки Белорусија со уште помизерни 0,250 рејтинг-поени, секогаш очајниот Сан Марино со 0,166 рејтинг поени и Лихтенштајн, кој не освои рејтинг-поени, но за разлика од сите има само еден претставник во Европа и тоа во Вадуц.

Во моментов Австрија е на 0,300 рејтинг поени, но Австријците допрва ќе собираат поени, зашто го имаат Ред Бул Салцбург, а тука се и Рапид, ЛАСК и Штурм, па така нашата земја ќе биде 52-ра од 55 земји во Европа – понижувачки до бескрај.

Сепак, ова не е нашиот најлош настап во една европска сезона, зашто пред две години во летото 2019 година, кога Шкендија се срамеше со порази од Номе Калју и Дуделанж, Македонија освои 0,500 рејтинг поени и тогаш беше претпоследна по успешност во сезона во Европа, веднаш зад Сан Марино.

Во моментов Македонија поради оваа катастрофа веќе назадува на ранг-листата на УЕФА за шест позиции, па ланското 38 место сега го заменивме со 44-то, со тенденција да потонеме уште некое место зашто не сме предалеку од Фарски Острови, Грузија и Малта, кои имаат по еден учесник кој останува на меѓународната сцена.

Македонија има вкупен рејтинг од 7.000, Фарски Острови се ептен близу нас со 6.916, Грузија е на 6.875, а Малта на 6.750.