Македонија ЃП подобра од Вардар, убедливи победи на Скопје и Струга

Македонските прволигаши и второлигаши ја искористија оваа пауза поради настапите на македонските репрезентации, за контролни мечеви, како подготовка за продолжението од сезоната и завршницата на сезоната.

Македонија ЃП со два гола во првиот дел на Филип Алексовски и Матеус Лемос го победи најтрофејниот клуб Вардар, лидерот во второлигашката конкуренција со 2-0 во денешниот пријателски меч во Ѓорче Петров.

Изненадувачки, Брегалница загуби од струмичка Беласица со 0-1 со гол на две минути пред крајот, за разлика од Скопје и Струга ТЛ кои запишаа убедливи победни во денешните тест-мечеви.

Славеше и првакот Шкупи со 2-1 против Локомотива Пехчево со голови на Пепи Ѓорѓиев и Несими, на неофицијално деби на новиот стратег Џихан Арслан, кој го наследи Гоце Седлоски, откако досегашниот кормилар се раздели со чаирчани.

Скопје го растури најслабиот второлигаш Борец со 7-1 со хет-трик на Азер Омерагиќ, додека хет-трик кај стружани запиша Абдулхади Јахја во триумфот на Струга ТЛ против Караорман со 8-1.

Силекс ја победи Академија Пандев во меч со четири полувремиња по пола час со 3-1, додека Беса славеше со 3-2 против Влазрими.