
Комити: Управата на Вардар се дрзна да ги забрани нашите знамиња!
„Комити“ побараа од сите вардарови навивачи да се појават на западната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ и да испратат јасна порака.
„Комитското лето кое започна со голем број нацртани графити, дружби и во подготовка на она што следува, а тоа е натпреварот на Вардар против екипата на Ла Фиорита, запре!
Клубот кој во изминатите години ги обедини скопјани, но и навивачите од целата држава, кој го полнеше ,,Градски” на помалце важни натпревари, на само ден пред почетокот на европските квалификации, успеа да продаде мизерна бројка од околу 700 билети.
За потсетување, пред две сезони успеавме да продадеме над 6000 членски карти, а за посетата воопшто не станува збор, доволно да се потсетиме дека на баражот за опстанок во Кавадарци и Струмица, имаше повеќе од 3000 навивачи на клубот. И повеќе од јасно!
Директен виновник за ова фијаско е токму Управата на клубот, опиена во својата моќ, која уште на почетокот на минатата сезона, срамно удри по навивачите и народот кој и овој пат јасно покажа дека не трпи и не сака да ги прифати раководните лица на клубот. Народот јасно покажа дека е на наша страна!
Таков беше случајот во текот на изминатата сезона, таков беше случајот по крајот на Куп Финалето кога заедно го напуштивме целиот стадион, таков е случајот и сега, кога без нашата мобилизација, речиси и да не се знае дека утре Вардар го игра првиот натпревар во Европа по цели шест години борба!
Ете колкава е поддршката за оваа Управа!
Но, тоа не е се. Раководството се дрзна и реши да забрани наши знамиња на стадион, нешто што се нема случено 38 години, ниту па што ќе се случи, а покрај тоа самоволно одлучи да забрани наше менаџирање со западната трибина, нешто што беше досега јасно утврдено, а кое своеволно решија да го прекинат, како што постапија и со договорот потпишан пред речиси цела година!
Тоа е недозволиво и тука нема дискусија!
Помината е секоја граница и веќе нема враќање назад! Време е за соочување!
Комити - Вардарци, имавме слаб клуб без резултати, но со душа кој сите го сакавме и се уште го сакаме, клуб кој му припаѓаше и се уште му припаѓа на народот, но денес за жал имаме клуб кој има добри резултати, но катастрофално раководство на кое мора да му дојде крај.
Упатуваме благодарност до народот, до сите навивачи кои масовно ни даваат поддршка и повик утре масовно да се појавиме пред влез на западната трибина во 19:00ч.
Без нас не може, без нас не бива. Нека ја видат сите нашата сила, нашето заедништво кое повторно ќе го спаси клубот, овојпат од рацете на оние кои не заслужуваат да бидат дел од искрената црвено-црна приказна!
СЕГА НЕ СЕ ПОСТАВУВА ПРАШАЊЕ, ПРИСУСТВОТО Е ЗАДОЛЖИТЕЛНО!
24 ЧАСА МОБИЛИЗАЦИЈА!
Да им покажеме како се прави тоа!
На собирот нема да се продаваат билети!
Само налепници, пешкири и пијалоци!
Утре е последен рок за пријавање за гостувањето во Сан Марино!“, се вели во соопштението.
Натпреварот меѓу Вардар и Ла Фиорита се игра утре од 20.30 часот.