Вечерва во Битола се игра сигурно можеби најспектакуларниот фудбалски натпревар од домашната клупска сцена во последните две децении и тоа по рефлектори во Битола помеѓу вечните ривали Пелистер и Вардар, а причина за тоа не е прикажаното на теренот, туку феноменалната атмосфера на трибините.

Билетите одамна беа распродадени, на стадинот под „Тумбе кафе“ нема каде и игла да падне, а далеку посилен шмек оставија гостинските навивачи, кои дојдоа околу илјада во Битола и направија шоу за паметење. Комити извадија многу знамиња, „испукаа“ пиротехника на која многу други групи би можеле да им позавидат, а и истакнаа неколку луцидни пораки со кои и тоа како ги пецнаа своите ривали од спротивната страна, популарните „Чкембари“.

Засега фудбалерите како и самите да уживаат во спектакуларната атмосфера, па не прикажаа ништо посебно, поради што мрежите на двата голмани се уште мируваат.