Каква е таа борба за подобар македонски фудбал, кога се користи уличарски речник?!

Кавадарчанецот Герасим Лазов со месеци бара промени во ФФМ и ја критикува фудбалската власт, но неговите последни јавни пораки отвораат прашање за начинот на кој се води таа борба.

Борбата за промени во македонскиот фудбал е легитимна, критиката на Фудбалската федерација е неопходна кога постојат причини за тоа, а јавноста има право да бара одговорност од оние што го водат најпопуларниот спорт. Но, дали секој што бара промени автоматски покажува дека е подготвен да понуди и поинаков начин на функционирање?

Токму ова прашање го отвораат последните објави на Герасим Лазов, кој подолго време јавно ја критикува фудбалската власт и се залага за промени во ФФМ.

Во објава поврзана со натпреварот меѓу Вардар и Тиквеш, Лазов користи формулации како „Грујоски со помошниците пробуваа ама за ѓабе, Масар, Бартон и Миленко завршија на апарати. Game over“, а во коментарите продолжува со пораката „Од трите подлого ќе го земат“, придружена со емотикон од коза.

Ваквиот речник можеби е наменет да предизвика реакција и да испрати порака до неговите следбеници, но тешко може да се препознае како комуникација што придонесува за сериозна дебата за иднината на македонскиот фудбал.

Кога некој јавно бара промени во системот, од него е разумно да се очекува да покаже и какви стандарди сака да воспостави. Ако проблемот е во начинот на кој функционираат фудбалските институции, тогаш борбата за нивна промена треба да се темели на аргументи, транспарентност и јасни предлози, а не на навреди, потценување и триумфалистички пораки.

Дополнителна тежина на ова прашање му дава и јавниот профил на Лазов, кој, покрај ангажманот околу фудбалот, е политички активен и потпретседател на СДСМ. Политичката определба сама по себе не е проблем, ниту пак треба да биде причина некој да биде лишен од правото да критикува. Но, јавниот ангажман носи и поголема одговорност за пораките што се испраќаат, особено кога се претендира да се влијае врз спортските институции.

Македонскиот фудбал има доволно проблеми за кои се потребни сериозни расправи, конкретни решенија и луѓе подготвени да преземат одговорност. На него не му се потребни дополнителни препукувања во кои победата се прогласува преку навредливи досетки, а поразот на противникот се користи за лично или политичко поентирање.

Лазов има право да ја оспорува работата на ФФМ и да бара промени. Но, истовремено, јавноста има право да го оценува и начинот на кој тој ја води својата битка.

Ако тој мисли дека битката ќе ја добие со уличарски речник , тогаш избрал лоша стартна позиција, фудбалската публика знае добро да почуствува кој колку вреди во таа борба со лошо смислено сценарио...