Јаневски: Ова не е терен за Прва лига, а секогаш кога ќе тргнеме во напад некој – лежи!?

Вардар загуби денеска од Победа со 0-1 во 11-то коло во Првата лига, па повторно црвено-црните се најдоа на девет бода негатива во однос на лидерот Шкендија, со два меча помалку од тетовци.

На катастрофално лошиот терен на Могила во Прилеп, вардарци имаа мака да ја смират топката, а теренот на кој имаше повеќе песок, отколку трева не успеаа да наметнат игра со која ќе стигнат до погодоци. Тренерот на Вардар, Чедомир Јаневски, за разлика од дебаклот со Реал Сосиедад кога вината за поразот ја презема на себе, сега изјави дека ова е катастрофа за македонскиот фудбал и дека Вардар не одиграл ништо на очајниот стадион на Могила.

„Ако ја превземав вината со Реал Сосиедад, денеска не можам ништо да превземам. Теренот е терен, условите се тие, можам да кажам катастрофални за македонски фудбал. Тие се условите за двете екипи, и тоа треба да видиме кој решава да се игра на вакви терени. Овој терен и овој стадион не е за прволигашки натпревар. Тоа е прво. Второ, кога знаеме дека е така и доколку играчите знаат дека се вакви условите и дека не можат да играат на ваков терен, тогаш треба да има барем дуел игра и да создаваме шанси, да го тераме противникот да греши. Денеска го немавме тоа. Го сменивме тимот од оној со Реал Сосиедад и заморот не треба да биде оправдување. Ова треба да ни биде поука дека и на вакви терени мора да се издигнуваме. Затоа што нема да биде тука ваков, туку на многу гостувања. Плус денеска и многу прекини, многу лежења на противнички играчи. Тоа ни се повторува на сите натпревари, кога ќе излеземе во напад, секогаш има некој играч кој што лежи и мораш да имаш фер-плеј, а така губиш и време и темпо“, рече Јаневски по мечот.