Илчо направи чистка во Штип - Брегалница откачи седум фудбалери

Тренерот на штипскиот прволигаш Брегалница, Илчо Ѓорѓиоски направи вистинска чистка во таборот на овој клуб по завршување на оваа сезона, па дури седум фудбалери од актуелниот погон се слободни од денеска.

Брегалница откачи еден голман и по тројца фудбалери во одбраната и средниот ред, а штипјани најавија комплетно преструктуирање во играчкиот погон, нови засилувања, со кои клубот би играл поважна улога во следната сезона и би се бореле за излез во Европа.

Од Брегалница си заминува голманот Илче Петровски, потоа дефанзивците Наумче Бакрачески, Филип Миленковски и Хрватот Диего Живулиќ, како и играчите од средниот ред Владимир Дујовски, Бобан Георгиев и Кристијан Ацковски.

Со сите овие не е договорена понатамошна соработка и не им се понудени нови договори.

„Секој од фудбалерите со кои ја завршуваме соработката силно е врежан во историјата на клубот. Затоа искрено им заблагодаруваме на досегашниот нескриен придонес за резултатите и развојот на клубот, притоа посакувајќи им многу среќа и здравје низ натамошниот дел од кариерата“, рече спортскиот директор Никола Тонев.