Илчо Ѓорѓиоски ја напушта ФФМ, нов претседател ќе биде газдата на „Горска“!?
Како што дознава Спорт1, трансферот на власта ќе се одвива мирно, без никакви бранувања, а според сите законски прописи и според Стаутот на ФФМ.
До крајот на месецов, од функцијата треба да си замине Ѓорѓиоски, но претходно за нов член на Управниот одбор треба да биде назначен Костадинов. Порано, член на УО се стануваше само на Собрание на ФФМ, но сега со најновите измени, УО има право да назначи четири нови имиња во фудбалската влада, надвор од бројката од 15, која ја избира Собранието.
Откако Костадинов ќе влезе во УО, тој ќе биде назначен за втор потпретседател на федерацијата. Потоа планот е Илчо да си поднесе оставка, а функцијата ќе продолжи да ја извршува Костадинов, сѐ до организирањето на изборно Собрание.
Изборот на Костадинов ќе биде големо изненадување, зашто досега се вртеа многу имиња како наследници на Ѓорѓиоски - од поранешниот претседател Харалампие Хаџиристески, па Коста Костовски, Влатко Костов и многу други што работеле во фудбалот во претходните владејачки гарнитури.
Но, сопственикот на Горска одеднаш влета во игра, слично како и кога Илчо беше назначен за прв човек на најбогатата спортска федерација во Македонија, која има годишен буџет од 11 милиони евра.
Не се знае каква ќе биде за ова реакцијата на фудбалските работници, зашто Костадинов не е човек со стаж во фудбалот во Македонија. Има искуство во раководните структури во кошаркарската федерација на Македонија, кога беше потпретседател на МКФ кога прв човек беше Даниел Димевски. Секако тој ќе го носи и бремето врз себе дека е избран со политички амин, речиси исто како и неговиот претходник Ѓорѓиоски.