Халанд има огромни барања: Сака плата колку Нејмар и Роналдо

Ерлинг Халанд важи за еден од најталентираните фудбалери во светот, но и натаму е доста млад и неискусен. Нема некои поголеми успеси во кариерата, а сака да биде рамо до рамо со најплатените фудбалски ѕвезди. 

Според порталот „Гол.ком“, Норвежанецот има огромни финансиски побарувања од следниот свој клуб. Барселона, Реал Мадрид, ПСЖ, Јувентус, Манчестер јунајтед и Манчестер сити се заинтересирани за фудбалерот, но неговата плата би можела да биде проблем.

Наводно, Халанд сака плата од 35 милиони евра годишно во својот следен клуб. Ваква плата моментално имаат Нејмар во ПСЖ и Кристијано Роналдо во Јувентус, но тоа се докажани фудбалски ѕвезди. Најплатен и натаму е Лионел Меси со нешто повеќе од 50 милиони евра по сезона.

Ваквите побарувања на Халанд сигурно ќе ги „оладат“ дел од клубовите, бидејќи се работи за огромна сума, особено што клубот ќе мора да плати и обештетување од преку 150 милиони евра. Ако тука се додаде и неколку годиншниот договор, провизиите за менаџерот Мино Рајола и другите бонуси, купувањето на Халанд може да чини приближно 400 милиони евра.