Горан Попов влезе во менаџерските води – дебитирал со трансферот на Дени Илиев (ФОТО)

Поранешниот македонски репрезентативец Горан Попов, кој ја заврши кариерата во најтрофејниот наш клуб Вардар влезе во менаџерските води и почна да работи за менаџерската агенција регистрирана во Австрија (More than Sport) и левиот бек веќе „дебитирал“ со прв трансфер.

Бившиот репрезентативец веќе е регистриран како менаџер во австриската агенција, па негов профил веќе се наоѓа на интернет-страницата на оваа агенција, која има бројни фудбалери како нивни клиенти, а украински „Спорт“ објави дека првиот трансфер што бившиот репрезентативец го направил е заемот на актуелниот македонски репрезентативен голман Дејан Илиев.

Илиев, кој е струмичанец како и Попов пред една недела официјално потпиша за полска Јагелонија и во овој клуб заминува на шест месеци од лондонски Арсенал. Чуварот на мрежата во првиот дел од сезоната бранеше за словачки Серед, а претходно беше дел од младинските категории на лондончани, стигна до трет голман на „топчиите“ и беше дел од 23-та фудбалери на мајското финале во Баку во Лига Европа.

Попов е дете на Беласица, која на почетокот на 21-от век извади еден куп талентирани фудбалери почнувајќи од Горан Пандев, а потоа левиот бек преку грчки Продефтики и АЕК Атина во 2004 година стигна до белградска Црвена Звезда, па играше за полска Одра, па се врати во Грција во Егалео и Левадијакос, пред да замине во холандски Херенвен, каде играш извонредно, што му овозможи трансфер во Динамо Киев (2010-2014), а потоа заврши и во англиски Вест Бромвич Албион. Од 2014 година беше во Вардар, а само кратко имаше авантура до кипарска Докса, по што се врати меѓу црвено-црните и ја заврши кариерата.