
„Глигоров има големо срце, знаење, искуство и ќе донесе промени на подобро!“
Реакција на ваквата одлука на црвено-црните дојде и до навивачката група Комити, кои ја поздравија промената на клупата, но и одредувањето на човекот кој во иднина ќе ги предводи фудбалерите од клупата. Тие му се заблагодарија на Симов, пред сѐ поради двете шампионски титули што ги има со клубот како голман, а искажаа многу пофални зборови за човекот што ќе го замени.
„Глигоров беше еден од ретките кои беа тука кога на Вардар му беше најтешко. Се одликува со скромност, големо срце, напаѓачки инстинкт и искуство од големи натпревари, а неоспорен е фактот дека е одличен психолог и пример како треба да живее и работи еден спортист и спортски работник. Тој сигурно ќе знае да направи разлика, да го промени ритамот и да го пренесе својот победнички менталитет кај тимот. Да не го заборавиме моментот на историскиот гол и големите негови заслуги за елиминацијата на Фенербахче среде Истанбул“, напишаа меѓу другото Комити.
Глигоров првиот меч како прв тренер на Вардар ќе го има в сабота, кога неговите избраници ќе ја пречекаат Беса 1976.