Фудбалери на Тетекс и Кадино уапсени за тепачка и напад врз полицајци!

Голем инцидент се случил по вчерашниот второлигашки меч помеѓу Тетекс и Кадино, откако дошло до тепачка помеѓу фудбалерите на двата тима по завршувањето на дуелот, по што двајца играчи од обете екипи завршиле во полициска станица.

Една од причините за нивното приведување е и нападот врз полициски службеник, како и негово попречување при преземање службени дејства.

„Полициски службеници ги лишиле од слобода Д.М.(20), Х.Д.(29) од Скопје, фудбалери на ФК „Тетекс“ и М.Р.(20) и В.И.(29), фудбалер и претставник на ФК „Кадино“ од истоименото скопско село, а поради нивна инволвираност во физичка пресметка по завршувањето на првенствениот фудбалски напревар помеѓу овие две второлигашки екипи. Покрај тоа, Д.М. со пластично шише удрил полициски службеник кој преземал службени дејствија околу физичката пресметка, а Х.Д. попречувал полициски службеник при преземање службени дејствија. Се расчистува и документира случајот и ќе следуваат соодветни поднесоци“, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Дуелот заврши со нерешен резултат 1-1. Во текот на натпреварот имало и голем број вербални конфликти помеѓу фудбалерите, пред се поради претходни нерасчистени сметки со оглед што во овој преоден рок фудбалери имаше преминување од Кадино во Тетекс и обратно.