ФФМ не си ги почитува правилата - Гостивар „шверцерски“ го прават прволигаш! (ФОТО)

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) како да сака да ги прекрши своите прописи и правилници со цел да го истурка Гостивар во Првата лига како замена за бившиот првак Ренова кој се распадна, иако гостиварци по никаков основ не може да добијат статус на прволигаш за новата сезона која стартува во август.

Ренова веќе го распушти професионалниот погон, фудбалерите добија документи и најголем дел си најдоа нови клубови, ама толку најавуваното официјално писмо од Џепчиште до ФФМ во кое се потврдува одлуката „гипсарите“ да не играат во Првата лига сѐ уште не е стигнато, а додека не се случи тоа во „кујната“ на Куќата на фудбалот веќе е зготвена чорбата да се истурка Гостивар во домашната елита.

Гостиварци, кои летово обезбедија осум засилувања и го задржаа комплетниот тим, минатата сезона во второлигашката конкуренција заврши како четвртопласиран на табелата, зад шампионот на Западот, Силекс, втората Воска и третиот Вардар. Арно ама, сега се на чекор да станат прволигаши и да го преземат местото на Ренова, после меѓусебен состанок на двете раководства.

Иако ФФМ има свои правила како се пополнува лигата и тоа пишани во правилникот за изминатата сезона, дури и кога еден клуб ќе отстапи и ќе се откаже од натпреварувањето, случајот за новата сезона, како на пазар клубовите си преговараат некакво примопредавање на прволигашко место. Дека најавеното влегување на Гостивар е неправилно, најдобро го отсликува членот 51 од правилникот за натпреварување во Првата лига за последната сезона, во која јасно е дефинирано кој може да го пополни испразнетото место, едно, две или повеќе, во случај на откажувања на клубовите од прволигашкиот статус.

Според правилникот, за пополнување на испразнетото место, во случајот на Ренова право добиваат поразените екипи од баражот за пополнување, во случајот Беласица или Воска. И тоа подобро рангираниот од двата тима. И Гостивар во никој случај не може да добие предност ниту пред Беласица, ниту пред Воска.

Оставен е делот за манипулација, „ако ги исполнуваат условите за лиценцирање“, нешто што е само формалност во македонскиот фудбал, за да се обезбеди учество во највисокиот ранг во националниот шампионат, зашто досега ниту еден клуб не бил одбиен низ т.н. лиценцен-филтер, кој и не е ригорозен како во случајот за европските лиценци.

Но, дури и двата клубови од баражите да не се во конкуренција, Гостивар ако се рангира според двете втори лиги во минатата сезона со освоени 37 бода е многу далеку од Првата лига. Пред него освен што е Вардар од Западот, по учинок подобри се и Слога Виница, Каменица Саса од Истокот.

Ама, кога е во прашање ФФМ, тоа што сами го донеле како правило, во даден момент – не важи! И не е првпат, ФФМ сама да не си ги почитува правилата и да донесува разно-разни одлуки кои не се во согласност со правилата за фудбалската игра, па така и во случајов со Гостивар, кој, како се чини, се решени да сторат се за да го направат прволигаш.

Случајно или не, единствен начин за Гостивар да се протурка е некаква фузија со Ренова, иако и таа е спорна според членот 113 од правилникот за натпреварување на ФФМ, зашто основен услов е фузијата да се направи 45 дена на заедничко собрание со создавање на нов правен субјект (што влегува во цајтнот) да се реши ситуацијата, ама многу поголем проблем е што Гостивар и Ренова не се од ист општински фудбалски сојуз.

Во вториот параграф од овој член 113 стои дека спојување на клубови (т.н. фузија) може да направат клубови кои се регистрирани како правни лица во ист регистар кај надлежниот орган кои територијално припаѓаат на ист општински сојуз или во град Скопје. Во случајот, Гостивар е од ОФС Гостивар, а Ренова од ОФС Тетово.

Но, ФФМ прогледа на фузија на Љубаништа со Тетекс пред две години, клубови кои се од различен ОФС, па и ваква „карма-каша“ кога станува збор за ФФМ не е чудна и во куќата на фудбалот може да се изведе, со приказни дека сѐ е според регулативите, пропозициите и правилниците, само за да се задоволат одредени интереси.