ФФМ призна дека работела спротивно Законот, ќе се поништи ли изборот на Сејдини? (ФОТО)

Фудбалската федерација на Македонија на нејзината последна седница на Управниот одбор донесе неочекувана одлука, и на изненадување на сите реши да почне да работи според правилата на Законот за спорт. 

Тешко е за верување, но според тоа што се случило на последниот состанок на фотелјашите во куќата на фудбалот, претседателот Муамед Сејдини издал наредба до генералниот секретар Филип Поповски да побара помош од ФИФА и УЕФА, како и од Агенцијата за млади и спорт за изработка на измени и дополнувања на Статутот на ФФМ.

Откако АМС досега одзема решенија за дејност спорт на шест општински фудбалски сојузи, во ФФМ веројатно сфатија дека „ѓаволот ја однел шегата“, па набрзина се мобилизираа и решија да свират по нотите на државните органи. Сејдини од Поповски бара да испрати писмо до ФИФА, УЕФА и АМС за да се создаде работна група околу Статутот, со цел да се „испеглаат“ досегашните недоразбирања со АМС.

Дали овој неочекуван потег е купување на време од страна на челните луѓе на ФФМ ќе се види наскоро, но токму со ова тие признаваат дека досега се работело спротивно од Законот. Ова значи дека сите одлуки на претседателот Сејдини, како и неговото назначување за прв човек на Федерацијата била тотално нелегитимни. 

Ако АМС реши да ја прифати оваа игра на ФФМ, тогаш веројатно Агенцијата ќе побара расформирање на целокупниот систем во Куќата на фудбалот и организирање на нови избори во општинските фудбалски сојузи (таму каде што нема забрана), по што ќе следи вонредно Изборно Собрание на Федерацијата и избор на легитимен претседател.