ФФМ го прекина првенството без да прогласи шампион!

Иако имаа желба за да ја дозавршат сезоната со глупавото сценарио да се игра без испаѓање, а од идната сезона да се прошири Првата лига, фудбал во Македонија летово нема да има зашто Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) комплетно го прекина првенството, но изненадувачки не донесе одлука за прогласување на првак (во случајов Вардар), после новата ерупција со заразени од коронавирус, а пет дена откако во два прволигаши вкупно седумина се болни од Ковид-19.

ФФМ во изминатата недела донесе одлука за рестарт на сезоната со проектиран датум помеѓу 14 и 21 јуни, за што чекаше само согласност од координативниот штаб за точно утврдување на датумот за почеток, ама после тестирањата во тетовските Ренова и Шкендија, каде се појави зараза и седум фудбалери се болни од ноивиот вирус, јасно беше дека фудбал тешко да се игра сезонава, особено откако комплетниот тим на „гипсарите“ заврши во 14-дневен карантин.

ФФМ објави дека на вонредна седница на Управниот одбор, која ја одржа денеска видеоконференциски донесе одлука да се прифати предлогот на натпреварувачката комисија за прекин на сезоната. Но, најспорно во целата ситуација е што ФФМ денеска не донесе одлука за шампион и само го прекина првенството. Нејасно е зошто ФФМ не прогласи шампион во ситуација кога црвено-црните имаа убедлива двоцифрена предност пред ривалите во трката за титулата после 23 кола во оваа сезона.

„На вонредната седница на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија одржана конференциски, имајќи ја во предвид целокупната епидемиолошка ситуација во земјата и фактот дека бројот на ново заболени секојдневно се зголемува, беа донесени следните одлуки:

Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Комисијата за натпреварување за прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 во Прва МФЛ и натпреварувањето во Купот на Македонија;

Следејќи ја здравствената состојба во нашата држава, посебно во последните неколку денови и ситуацијата со позитивните тестови на вирусот Covid-19 потврдени кај неколкумина фудбалери од ФК Ренова и ФК Шкендија, потоа процесот на самоизолација од две седмици кои треба да го помине целиот тим на ФК Ренова, како и неможноста во вакви, вонредни услови, земајќи го во предвид и ограничувањето на движење, клубовите да го продолжат тренинг процесот пропишан во здравствениот протокол, Управниот одбор донесе одлука да ја прекине натпрварувачката сезона 2019/2020 во Прва МФЛ.

Раководството на Фудбалската федерација на Македонија оваа одлука им ја соопшти и на службите во УЕФА, потенцирајќи ја состојбата во нашата држава од здравствен аспект и неможноста да се предвиди временската рамка во однос на евентуалното продолжување на првенството, односно со ново настанатата ситуација не може да се гарантира дека продолжувањето на националниот шампионат би имал регуларен тек.

Од Европската фудбалска Асоцијација (УЕФА) истакнаа дека се исклучително горди на нашата „Куќа на фудбалот“ земајќи го во предвид фактот дека ФФМ и покрај сите предизвици во изминатиот период имаше за цел да направи обид и да ја примени најдобрата опција за продолжување на клупското натпреварувања од Прва МФЛ за да се овозможи правилно, по спортска заслуга, продолжување и завршување на домашното натпреварувања“, објави ФФМ.