ФФМ чека да види кој ќе добие лиценца за да ги одреди патниците за во Европа!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска ја прекина Првата лига без да прогласи шампион, поради малиот број на одиграни мечеви, па допрва ќе решаваат кои клубови ќе одат во Европа.

Според информациите од ФФМ, раководството ќе чека одлуки на комисијата за лиценцирање за да се види прво кои клубови ги исполнуваат условите за настап на меѓународна сцена, па потоа врз база на пласманот на табелата да ги пријават тимовите за местата во ЛШ и трите за Лига Европа.

Во моментов, Вардар како лидер, иако не е прогласен за првак, би требало да оди во квалификации за Лигата на шампионите, ама лиценцата поради сериозни долгови од преку два милиони евра сериозно „виси“. Нејасно е кога комисијата за лиценцирање треба да се изјасни, особено што барем во изминатиов период многу федерации и нивните комисии за лиценцирање ги објавија носителите на лиценци за настап на меѓународна сцена кај помалите земји според ранкингот на УЕФА.

Шампионатот се прекина по 23 кола во кои Вардар (46) имаше десет бода пред Силекс (36), а 11 пред Шкендија (35), Ренова (31), Македонија ЃП (29), Шкупи (29), Академија Пандев (28), Борец (27), Струга Трим Лум (25). Ако Вардар не добие лиценца, Силекс автоматски во таа ситуација (повторно со услов да има лиценца) ќе оди во ЛШ, а Шкендија, Ренова во Лига Европа, но спорно ќе биде како ќе реши ФФМ за четвртиот патник бидејќи не се игра Купот на Македонија.

Шкупи и Македонија ЃП имаат ист број на бодови и сега ако се гледа табелата по гол-разлика чаирчани се подобри, ама „лавовите“ се подобри во меѓусебен дуел со две победи и реми до прекинот. Вообичаено за место на табела на крај на сезона при ист број на бодови се зема меѓусебниот дуел, ама... Од поодамна чаршијата гласно најавува дека раководството на ФФМ по секоја цена сака да го истурка Шкупи во Европа, а и неколку клубови тоа јасно го потенцираа, меѓу кои најгласниот Силекс.

Одлуката за проширување на лигата на 12 екипи за следната сезона останува на сила со влегување на Беласица и на Пелистер од двете второлигашки групи како првопласирани во моментот на прекин. За пополнување на втората лига засега нема решение и ќе се чека подоцна одлука, како да се пополнат вторите лиги.