Добра вест за вардаровите навивачи: Вардар со Победа ќе игра на „Филип Втори“

Македонскиот шампион Вардар, иако вчера го пријави стадионот Ѓорче Петров за свој домашен терен за пролетната премиера пред своите гледачи, сепак пресметката со Победа утре од 14 часот ќе ја одигра на Националната Арена „Филип Втори“.

Промената доаѓа експресно, иако сè уште во ек се преговорите на вардарци, како и на соседот Работнички со Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП) за новиот ценовник околу закупот за мечевите на двата скопски прволигаши.

Сепак, Вардар и АДССДП најдоа заеднички јазик, црвено-црните да го одиграат дуелот со Победа на својот стадион, а сега веќе и извесно е дека и ку-дербито со Шкендија в среда ќе се игра на најголемиот македонски стадион, а во очекување е да се најде и заеднички договор за цената на закупот.

АДССДП со новиот ценовник го навлече гневот поради преголемите суми за мечевите во домашното првенство, поради кое вардарци еднаш веќе и бурно реагираа. Ценовниот беше донесен со цел да се покрие загубата што годишно ја генерираше стадионот во минатото.