Дерби под Шара: Шкендија по прва сезонска радост, Работнички пет години не го освоил Тетово

Тешко некој може да замисли дека дуел на Шкендија и Работнички во македонската Прва лига би било „дерби на дното“, а не дерби на врвот, но после четири кола, неочекувано два македонски шампиони ќе се пресметаат во дуел на самото дно во денешното петто коло, кое вчера стартуваше со нов триумф на Академија Пандев против Ренова со 2-0.

Актуелниот првак Шкендија сериозно заглави во кризен период поради кој моментно се последни на табелата, единствени без триумф и со само еден постигнат гол и еден освоен бод. Очајот во Европа и катастрофата на почетокот на сезоната како цех го плати доскорешниот кормилар Ќатип Османи под чие водство тетовци освоија две шампионски титули по ред, па сега пов Шара се надеваат дека со „шок терапијата“ ќе свртат нов лист и ќе стигнат до првата победа.

Грогираната Шкендија пред себе го има Работнички, кој како и секоја сезона е кандидат за Европа, ама има ужасен старт, нешто подобар од тетовци, со само еден триумф во четирите меча, па дебармаалци заедно со Силекс се на самото дно, најблизу до актуелниот првак. Дали Работнички може да ја продолжи агонијата на црвено-црните ќе биде познато денеска во дербито од 15 часот, ама „романтичарите“ веќе заборавија како се победува против денешниот ривал, зашто повеќе од две години немаат триумф, а веќе цели пет не го освоиле Тетово. Според играчкиот кадар, Шкендија повторно е фаворит, но таа улога ја имаа и на четирите претходни мечеви, па не победија и затоа Работнички се надева дека добредојдената двонеделна пауза за довоигрување може да им донесе успешно гостување. Две недели имаа и тетовци за консолидација, а дали заминувањето на Османи ќе се покаже како исправно, ќе треба да го покажат големите ѕвезди на тимот.

Најтрофејниот македонски клуб Вардар после две врзани победи ќе се обиде да ја продолжи победничката серија против засега хитот на првенството, Струга Трим Љум, која има седум бода од четирите кола, иако е дебитант во прволигашката елита. Стружани се покажаа како многу „тврд орев“, па Вардар ќе има предизвик плус за да ги освои бодовите и практично да се врати во самиот врв на табелата во пресрет на потешкиот дел од првиот круг, кога ќе ги очекува пресметки со лидерот Академија Пандев, врзаните гостувања кај Шкупи и Шкендија.

Во другите два меча, на Чаир гостува Силекс кај Шкупи во меч на кој и двата тима имаат амбиција за бодови, а на клупата на домаќинот ќе дебитира новиот кормилар Булент Акин, кој пред една недела и официјално го презема кормилото на овој клуб. Во Ѓорче Петров, Македонија ЃП ќе бара победа за останување на второто место против Борец, кој во минатото коло ја изненади Шкендија и ја запиша првата сезонска победа.

ПРВА ЛИГА, 5. КОЛО

ТЕТОВО: Шкендија – Работнички (15 часот)

АРЕНА: Вардар – Струга Трим Љум (15.30)

ЧАИР: Шкупи – Силекс (15.30)

Ѓ. ПЕТРОВ: Македонија ЃП – Борец (15.30)

ВЧЕРА

Академија Пандев – Ренова 2-0 (1-0)

Рајковиќ 32, Крстовски 87

ТАБЕЛА: А. Пандев 13, Македонија ЃП 8, Струга ТЉ 7, Вардар 7, Ренова 7, Шкупи 5, Борец 4, Работнички 3, Силекс 3, Шкендија 1