Четврто засилување во Дебар Маало – Фати Исмаили потпиша со Работнички

Поранешниот македонски првак Работнички го промовираше вечерва своето четврто засилување летово, па нов член на дебармаалци е Фати Исмаили, кој од денеска се стави на располагање на тренерот Љупчо Марковски – Калц, на овие летни подготовки за новата сезона.

Исмаили беше еден од капитените на Шкупи и еден од деветмината што летово се разделија со македонскиот првак, па сега доаѓа во Дебар Маало да ја засили дефанзивната линија на „романтичарите“.

Тој е фудбалер кој може да игра на стоперската позиција, но и како лев бек, па Марковски добива фудбалер кого може да го користи во многу опции. Исмаили е четврто засилување летово, откако во Работнички дојдоа голманот Игор Алексовски, дефанзивецот Филип Бошковски, како и фудбалерот од средниот ред Иво Јанакиевски.