Во Босна не се глупираат како во ФФМ: Првенството прекинато, Сараево првак, а има и испаѓање!

Босна и Херцеговина е првата земја од регионов каде фудбал нема да се игра во ек на пандемијата со коронавирус, па тоа што од поодамна се надѕираше сега се оствари – првенството е прекинато.

За разлика од Македонија и „умните глави“ во ФФМ, Босанците сфатија дека нема услови за игра, проблем се ригорозните мерки во Република Српска и поради тоа раководството на тамошната федерација – отсвири крај. И настрана што реши да ја прекине сезоната, туку се одважи и презема одговорност во секој дел, па не направи фарса и глупости од актуелната сезона.

Актуелниот шампион Сараево, чиј член е македонскиот репрезентативец Крсте Велкоски ја освои шампионската титула и ќе игра квалификации за Лигата на шампионите, а Железничар, Зрињски и Борац одат во Лига Европа, бидејќи се прекинува и Купот на БиХ, кој дојде до фаза од полуфиналето.

Но, од првенството има и испаѓање, нема циркузи со проширени лиги, заштитени прволигаши. Елитата ја напуштаат Челик и Звјезда 09, а нови прволигаши се Крупа и Олимпик Сараево. БиХ е последно првенство засега кое не продолжува откако вакви одлуки донесоа Франција, Холандија, Белгија, Кипар, Малта... Франција прогласи првак, а најслабите испаднаа, додека во Холандија нема ниту шампион, ниту испашање зашто сезоната е поништена.

За разлика од БиХ, ФФМ ќе доигрува барем во најава за да се одреди првак, да се одредат патниците за Европа, но нема да има испаѓање, следната сезона се прошурува на 12 екипи со вклучување на Беласица и Пелистер од Втората лига, која предвреме заврши, ама ќе имало баражи кај третолигашите за пополнување на второлигашкото друштво. И во ек кога седум заразени има од Ковид-19 во два клуба, а уште два не верувале во тестови на приватни клиники, па допрва ќе се тестирале (кој знае што чекаа до сега?), тешко дека има услови да се игра фудбал. Посебно зашто тестовите се прават во ек кога клубовите веќе на големо тренираат колективно, па постои ризик за проширување на заразата.

За жал, ФФМ од поодамна бега од одговорност, а веќе многупати докажа дека е неспособна, зашто нивна обврска беше скрининг, тестирања пред воопшто да се почне со тренинзи, а не таа одговорност да ја преземе Синдикатот на фудбалери, па сега клубови кои имаат „болни амбиции“ да негираат релевантност и валидност на резултати.