Бесарт Ибраими ја суреди Победа - два гола за победнички старт на Струга (ВИДЕО)

Најдобриот стрелец во историјата на Првата лига, Бесарт Ибраими после една година се врати во македонската елита, па денеска сам со два гола ја суреди Победа за стартна победа на Струга Трим Лум во 31-та сезона, после денешната победа со 3-0 на отворањето на новиот фудбалски шампионат.

Два моменти му требаа на Ибраими немилосрдно да ги казни прилепчани за сосема заслужена победа на фаворизираните стружани, па после шест можности во првото полувреме, Ибраими во втората минута од судиското надополнување погоди после една пеколна грешка и наивност на гостите, кои примија гол во акцијата во која напаѓаа по корнер, а лошата дефанзивна реакција во контранападот донесе да се најдат во негатива.

Само во воведните 15 минути од вториот дел, Победа одигра многу подобро, направи и две шанси (еднаш бравурозно интервенираше Ведран Ќосевски), но Ибраими реши сѐ после нешто повеќе од еден час игра, со прекрасен гол од 16 метри во акцијата во која на сите начини прилепчани се обидоа да го спречат нападот, но не успеаа и бомбардерот на стружани ја дуплираше предноста за практично и да ја обезбеди победата.

Струга имаше уште низа шанси за многу поубедлива победа, еднаш погоди и пречка, а минута пред крајот летното засилување Фатјон Јусуфи постигна и трет гол за конечните 3-0. 

За воведните 90 минути пред сѐ и поради Ибраими покажаа дека ќе играат сериозна улога во оваа сезона и дека со право високо целат, најмалку за излез во Европа.