АДССДП го избркал Вардар од Арената „Филип Втори“

Македонскиот шампион Вардар нема да ја има пролетната премиера во Првата лига пред своите гледачи во својот дом Националната Арена „Филип Втори“, затоа што Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП) го избрка најтрофејниот клуб во земјава со неверојатно скапиот ценовник за користење на најголемиот стадион во Македонија.

Дел од управата на вардарци во моментов има состанок со управата на јавното претпријатие кое го стопанисува стадионот, но поради неверојатно скапите цени, црвено-црните решија својот неделен меч против Победа во второто пролетно коло да го одиграат на стадионот во Ѓорче Петров (14 часот).

Иако уште во септември пред дебито на Вардар во Лига Европа, црвено-црните кренаа глас поради неверојатно скапото изнајмување на стадионот, АДССДП по низа состаноци реши да го врати стариот ценовник, но потоа повторно се пишмани и на сила стапи далеку поскапиот, што предизвикува револт во најтрофејниот клуб. Од Вардар се гневни затоа што поранешен ПУИГ не останал на зборот и јавно објавеното дека старите цени за закуп остануваат на сила.

Според одредени информации, откако Националната Арена е комплетно реновирана во 2012 година, во изминативе пет години, стадионот на претпријатието му донело загуба од над половина милион евра или некаде околу 100.000 евра годишно, па поради тоа била донесена одлука да се зголемат цените за да се покрие тој минус, што е неприфатливо за клубовите.

„Нивната неспособност да најдат спонзор за стадионот сега сакаат да го покријат со астронмски цени, кои треба да ги плаќаат само неколку клубови. Тоа тешко ќе оди, зошто е невозможно. Стадионите беа градени и постојат за да играат клубовите на нив, а народот да се забавува. Сега сами нека играат и пак нека си ги покриваат трошоците“, коментираат од Вардар.

Во целиот овој циркус со Арената, веќе се најавува дека АСДССП можно е да се откаже од стопанисувањето со стадионот и тој да биде понуден на заинтересиран клуб или федерација со цел претпријатието да не влегува во загуби, а клубот или федерацијата да се снаоѓа со стопанисувањето. Ова доаѓа и откако премиерот Зоран Заев најави дека спортските објекти поради подобро одржување и стопанисување ќе бидат понудени на националните федерации и општини со цел да се напредне спортот во земјава.