Зимоска се испречи отштетата, летово е слободен: Кире Ристевски доаѓа во АЕЛ Лимасол

Македонскиот репрезентативец Кире Ристевски можно е летово да направи трансфер на Кипар и да ја зголеми македонската колонија, откако АЕЛ Лимасол повторно влегува во игра за да го земе, најавија кипарските меиуми.

Ристевски уште зимоска се поврзуваше со трансфер на Кипар, ама за реализација на преминот се испречи трансфер отштетата што ја побарал унгарски Ујпешт, па практично тој обид завршил неуспешно.

Сега, како што се потенцира од островот во средоземјето, Ристевски во Лимасол би дошол како слободен играч, а откако клубот дал „зелено светло“ откако овој фудбалер им бил понуден, наскоро ќе стартуваат преговори за финансиските услови, па ако македонскиот репрезентативец ги прифати ќе направи трансфер во клубот каде игра доскорешниот младински репрезентативец Давор Здравковски.

Битолчанецот, кој го очекува летово деби на Евро 2021 играше за Пелистер во родниот град до 2010 година, а потоа играше во албанските Елбасан, Билис Балиш и Тирана, за софиска Славија, а во 2015/16 беше дел од Работнички и во последниве пет години е во Унгарија, прво во Вашаш, а од 2018 година во Ујпешт.