„Заедничката организација на Србија и Албанија е грешка - чувствата на Србите не се искрени“

Албанија и Србија официјално поднесоа заедничка кандидатура за организација на Европско првенство до 21 година, а некои се сомневаат дека ваквиот необичен пакт може да успее.

Конкуренција на Албанија и Србија се Белгија и Турција. УЕФА треба да донесе конечна одлука до средината на декември.

Веста за заедничка иницијатива на Србија и Албанија изненади многу, а некои отворено кажаа дека не се согласуваат со тоа. Еден од нив е легендарниот албански фудбалер, Лорик Цана кој во кариерата играше за ПСЖ, Марсеј, Галатасарај и Лацио.

Тој го пофали актуелниот претседател на Албанската фудбалска федерација, Арманд Дукa, но изрази сомнеж во искреноста на Србија во оваа иницијатива.

„Знам дека Србите го почитуваат Дука, српските фудбалери покажаа почитување и стоеа во наша заштита кога игравме во Белград, но нивните чувства не се искрени. Тоа го покажуваат во се што прават. Ги бранев боите на Албанија, играв за репрезентацијата и го зборувам тоа што го чувствувам“, вели Цана.

„Не е вистински момент со нив да правиме нешто заедничко. Зошто да не во иднина, доколку работите се развиваат како што треба. Дика уште не знае со кој си има работа, затоа не се сложувам со неговата одлука да организира првенство со Србите. Се сомневам во нивната искреност за било каква соработка. Повторувам, сметам дека ова не е вистинскиот пат, не е време да се работи нешто заедничко со нив“.