„Велковски не требаше да игра за Македонија, па ни се врати повреден“

Откако хрватските медиуми објавија текст како Дарко Велковски повеќе игра за Македонија отколку за Риека, чудејќи се на бројот на одиграни минути за година ипол (еден час повеќе за црвено-жолтите), тренерот на бившиот хрватски првак Риека, Симон Рожман посочи дека младиот стопер и Македонија премногу ризикувале што тој настапил на последните два евроквалификациски мечеви.

Иако играше цел меч со Австрија (1-2) во Виена, а 70-на минути во Скопје против Израел (1-0), Велковски во минатото коло во ХНЛ го немаше ниту на клупата за резерви, а во пресрет на јадранското дерби веројатно исто така нема да игра. Рожман објави дека после настапите за Македонија, Велковски повторно дошол со лесна повреда, па сега планираат да го сочуваат за да не ризикуваат со неговата кариера.

„Велковски после паузата за репрезентација повторно имаше некоја лесна повреда и го чувавме за да не ризикуваме. Репрезентациите секогаш се над нас, не можеме тука премногу да одлучуваме. Ама, мислам дека Македонија премногу ризикуваше. Дарко играше, а не требаше да игра. Затоа ние сме внимателни со него. Не сакаме да го форсираме, за да не му ја загрозиме кариерата“, вели Рожман.

Македонскиот репрезентативец ланското лето замина во Риека како слободен играч од Вардар, ама севкупно за година ипол има само десет меча за хрватскиот клуб. Младиот фудбалер, кој беше дел од „златната генерација“ која играше на Евро 2017 во изминатиот период мака мачеше со повреди на бутните мускули, а последна негова повреда беше токму против Хајдук, кога се повреди во 18-та минута од јадранското дерби и потоа паузираше сè до настапите за Македонија месецов.