Велкоски со новата титула влезе во историјата на Сараево

Македонскиот репрезентативец Крсте Велкоски се запиша во историјата на босанскиот великан Сараево, чиј капитен е, откако со новата шампионска титула стана прв и единствен играч на „бордо клубот“ кој има три шампионски титули.

Сараево вчера и официјално беше крунисан за шампион откако федерацијата на БиХ реши да го прекине комплетно првенството од причина што нема услови за истото да се доигра. Синоќа сараевчани ја славеа шампионската титула, која е втора во низа за нив, а вкупно седма во историјата. Велкоски со Сараево има три шампионски титули од вкупно пет трофеи со овој клуб.

На „Кошево“ дојде во 2014 година и оттогаш практично сараевчани почнаа да освојуваат пехари, а откако се криниза првпат за шампион со Сараево, во 2016 си замина од клубот, но и брзо се врати, а потоа следуваат уште две шампионски титули и еден Куп. Никој досега во историјата на овој клуб немал ваков ефект како македонскиот репрезентативец, кој е еден и од милениците на навивачите „Хорде зла“.