Тричко израмни рекорд од 1985 година, на чекор е до – апсолутен рекорд на Кипар!

Доскорешниот македонски репрезентативец Иван Тричковски, кој денеска и на седмиот меч по ред во новата сезона за АЕК Ларнака во кипарскиот шампионат постигна гол и стигна до осум погодоци на контото, влезе во историјата на кипарскиот фудбал зашто после 1985 година немало фудбалер кој успеал од старт на сезоната да има максимален ефект од седум меча во низа на кои дава макар по еден гол.

Тричковски пред пет години имаше една серија од шест последователни мечеви на кои даваше по еден гол, па сега тој свој рекорд денеска против Анортозис го надмина, ама излезе дека со тоа си обезбеди место во историјата на кипарскиот фудбал. Сега пред него е шанса да го надмине овој рекорд и да стане апсолутен рекордер, ако погоди и во следното коло.

Како што пресметаа кипарските медиуми Тричковски има серија од осум меча во низа со даден гол, почнувајќи од последното коло во минатата сезона, сосе седумте во оваа нова сезона, па сега му треба уште еден гол на следниот меч за да ја достигне апсолутниот рекорд во серија на голови на напаѓачите во историјата на Кипар, а тоа се тројца Рауфман, Васконсело и Паисао, кои имале девет меча во низа со даден гол.

„Прекрасно се чувствувам, ми недостигаше атмосферата од навивачите, а ние за нив играме. Сега сме први, ова е само еден меч, три бода и нема да запреме. Секој меч за нас е 'да победуваме постојано', знаеме каков квалитет имаме, што можеме и тоа сакаме да го покажеме на теренот. Јас верувам во многу, гледаме само напред“, вели Тричковски.

Следен меч на АЕК Ларнака е пресметката дома со последниот Етникос Ахна, кој сезонава нема победа, па Тричко има шанса да ги урне сите рекорди на Кипар, а веќе од поодамна многумина го сметаат за еден од најдобрите сранци што воопшто заиграле во кипарскиот фудбал.