Србинот кој го зовре регионот им порача на сонародниците: Баш ми е гајле што мислите!

Младиот српски тинејџер Илија Ивиќ стана првиот Србин кој прифатил да игра за репрезентацијата на Косово, па оваа одлука предизвика вистинска бура во регионот, најмногу поради големата омраза помеѓу Србите и Косовците после прогласувањето на независноста пред 12 години на покраината и официјалното отцепување кое не го признава Белград.

Ивиќ, кој има 17 години и игра на позиција стопер се најде во центар на вниманието, па целиот случај доби и друга димензија, наводно неговите родители биле избркани од работа како одмазда од Србите (работат во енклави под контрола на српските општини на Косово), а не запираат навредите кон него како „предавник“ од страна на неговите сонародници.

„Баш ми е гајле што мислат! Јас играм фудбал и само сакам да бидам подобар. Три години сум тука и се чувствувам како да сум дома. Во овие три години вложив многу труд и не сакам да застанам, јас само сонувам да играм во ЛШ и да играм за Барселона“, вели Ивиќ, кој е од Грачаница.

Во одбрана на Ивиќ застана федерацијата на Косово, откако тој добил повик за да игра за селекцијата до 19 години, но не сите Косовци се сложуваат со прифаќањето на првиот Србин во нивната селекција. Од друга страна во Белград владее паника, дека е можно и други спортисти во иднина да прифатат да настапуваат под знамето на земјата која не ја признаваат.