Риера бесен по триумфот: Десет пати сме подобри од Партизан, а едвај го победивме!

Тренерот на Црвена Звезда, Алберт Риера, изрази големо незадоволство од физичката подготвеност на својата екипа и покрај победата со резултатски пресврт против Партизан (2-1) во 180-тото „вечно дерби“.

Иако „црвено-белите“ ја продолжија деветгодишната низа без пораз на домашен терен против најголемиот ривал, шпанскиот стратег упати остри критики кон играчите за нивниот пристап на теренот. Во својата анализа по натпреварот, Риера потенцираше дека резултатот не е единственото нешто кон кое се стреми тимот и дека со вакво ниво на физичка подготвеност ќе имаат сериозни проблеми, особено во европските натпреварувања.

„Не сум задоволен, не играме само за резултат. Разочаран сум од тоа како изгледавме физички. Нема играч кој нормално го заврши натпреварот. Мораме да играме со повеќе сила, така мораме во Европа, на повисоко ниво, да трчаме повеќе“, изјави Риера, додавајќи дека поради уморот екипата не можела да поврзе точни додавања.

Стратегот на Црвена Звезда нагласи дека неговиот тим е значително поквалитетен од Партизан, но дека тоа не било демонстрирано на овој натпревар поради лошата организација и падот на интензитетот.

„Десет пати сме подобри од нив, а тоа не го покажавме. Освоивме три бода, играчите нека уживаат вечерва, но од утре продолжуваме со работа. Ќе имаме проблем, не само со нив, туку со секој друг тим. Знам дека тоа е проблем, но знам и како да го решам. Не сум тука само за резултати, ќе добиеме многу натпревари, но мораме да бидеме подготвени“, заклучи шпанскиот тренер.