Делириум во Истанбул: Турција ја одбрани европската круна

Женската одбојкарска репрезентација на Турција ја одбрани титулата европски шампион, откако во спектакуларно финале во Истанбул ја совлада Италија со 3-2 во сетови.

Финалето донесе вистински одбојкарски спектакл и пресврти. Италија одлично го отвори мечот и убедливо го освои првиот сет со 25-16, а потоа Турција возврати со 25-22 и израмни на 1-1.

Италијанките повторно покажаа одлична игра во третиот сет, во кој славеа со убедливи 25-12, па се најдоа на чекор до европската титула. Сепак, Турција не се предаде. Домашната селекција одигра фантастично во четвртиот сет и со 25-21 избори тај-брејк. Во решавачкиот сет Турчинките беа посигурни во клучните моменти. Со 15-10 го освоија петтиот сет и го запечатија големиот триумф пред домашната публика.

Најзаслужна за златото беше Мелиса Варгас, која одигра фантастичен натпревар и заврши со 28 поени. Зехра Ѓунеш додаде 12 поени. Кај Италија, исто така со 28 поени, најефикасна беше Паола Егону, но нејзиниот учинок не беше доволен за европска титула.

Интересно е што Турција до златото стигна и покрај тоа што во целиот натпревар освои десет поени помалку од Италија. Клучот беше во подобрата игра во завршницата и неверојатната реакција по убедливиот пораз во третиот сет. За Турција ова е втора последователна европска титула, откако пред три години во финалето ја совлада Србија со 3-2.