Партизан го задржа тренерот кој им го донесе - второто место во Србија!

Тренерот на фудбалскиот клуб Партизан, Срѓан Благојевиќ, го продолжи договорот со клубот за уште една година, со што ќе остане на клупата до 30 јуни 2026 година, соопштија денеска „црно-белите“.

Тој ја презеде функцијата во зимскиот преоден рок во 2025 година, а по потпишувањето на новиот договор, тој изрази благодарност за довербата од клубот и истакна дека продолжувањето на соработката е од обострано задоволство.

„Благодарен сум на клубот за укажаната доверба и сигурен сум дека овој потпис е на обострано задоволство. Сега имаме можност да ги имплементираме и надградиме деталите кои ќе ни помогнат да бидеме значително подобри од досега“, изјави Благојевиќ.

Тој додаде дека пред тимот стои голема работа, нагласувајќи дека приоритети ќе бидат дополнителна селекција, унапредување на сите сегменти на играта и продолжување на афирмацијата на младите играчи.

„Се надевам дека овој пристап ќе ни овозможи да се бориме за напредок на Партизан и да бидеме конкурентни во сите натпреварувања“, додаде Благојевиќ.

Потпретседателот на Партизан за спортски прашања, Предраг Мијатовиќ, истакна дека Благојевиќ во претходниот период го поставил темелот на играта кон која клубот тежнее и ја подобрил дисциплината, што позитивно се одразило на стабилизацијата на играта и резултатите.

„Продолжувањето на соработката беше логичен чекор, договорот го постигнавме лесно, а условите беа прифатливи за двете страни“, изјави Мијатовиќ.

Партизан минатата сезона заврши втор на табелата со дури 23 бодови помалку од шампионот Црвена Звезда.

ФОТО: X / @FKPartizanBG