Партизан пред банкрот: Црно-белите имаат долг од преку 50 милиони евра?!

Белградски Партизан, еден од клубовите од големата четворка на бившојугословенските простори се наоѓа во незавидна финансиска сигуација, откри поранешниот претседател на фудбалскиот клуб, Драган Ѓуриќ, кој посочи дека моменталниот долг на црно-белите надминува 50 милиони евра.

Ѓуриќ беше претседател на Партизан од 2008 до 2014 година, кога го наследи Томислав Караџиќ на функцијата, кој замина да биде претседател на Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС), а во мандатот на бившиот претседател црно-белите освоија пет титули, два купа и играа еднаш во ЛШ, а двапати во Лига Европа.

„Мислам дека е време државата да испита како е направен толкав долг, кој е 50 милиони евра, а се зборува дека ја надминува и таа цифра. Само државата е таа што може да провери и додека таа не ги земе работите во свои раце, ништо нема да мрдне во клубот“, вели Ѓуриќ.

Според него, тежок криминал се случува со трансферите на играчите од белградскиот гигант, кој веќе четири години е во сенка на Црвена Звезда, која пред шест години исто заглави до преку 50 милиони евра долг, но иако заработи над 100 милиони во периодов од настапи во ЛШ, Лига Европа и трансфери, долгот не е ни преполовен, туку е 35 милиони евра.

„Треба да се открие како Садик чини 9 милиони евра, а Партизан заработил само 1,5 милиони и трансферот е едвај пет милиони. Треба да се провери како младиот Филип Стевановиќ е продаден на Манчестер сити само за 8 милиони евра, а не го даваа за помалку од 15 милиони. Додека бевме во клубот, колку вредеше еден играч, толку пари на сметка легнуваа. Лазар Марковиќ го продадовме за 9 милиони, толку пари легнаа на сметката, исто како и за Александар Митровиќ во Андерлехт“, додава Ѓуриќ.