Најдовски останува во Тирана уште две години!

Поранешниот фудбалер на Вардар од последниот шампионски состав, Филип Најдовски останува во албанскиот првак Тирана и во следните две години, откако веќе го потпишал договорот, иако првично се најавуваше можна разделба по завршување на сезонава.

Најдовски со Тирана во која играат и екс-македонските репрезентативци Кристијан Тошевски и Енур Тотре, како и бившиот фудбалер на Работнички, Таулант Сефери сезонава доминантно дојдоа до шампионската круна кај западниот сосед, 26-та круна за овој клуб во историјата.

Најдовски беше пред заминување поради слабата финансиска понуда за продолжување на новата соработка, како и за времетраењето на новиот договор, но во последниве денови двете страни успеале да се договорат. Според „Панорама Спорт“ зголемувањето на платата на Најдовски е за 2.000 евра повеќе на месечно ниво во однос на претходната.

„Вистина е, потпишав нов двегодишен договор со Тирана. Иако бевме далеку од договор, клубот се согласи да ги исполни моите барања. Сега сето внимание е кон летово, што подолго да трае, имаме одличен тим, шансата ја гледаме во Конференциската лига и со малку среќа може да дојдеме до групите“, рече Најдоски.

Македонскиот интернационалец, кој може да игра и како стопер и како последен играч за врска во Тирана дојде во август 2020 година и досега има 65 настапи и четири гола, а сезонава одигра 27 меча и даде два гола.