Марко Ван Бастен ќе биде селектор на Косово?

Легендарниот холандски напаѓач Марко Ван Бастен можно е да биде новиот селектор на Косово, најави порталот „Каликсо“ повикувајќи се на извори во косовската федерација, зашто раководството на косовскиот фудбал ќе почне преговори со една од најголемите легенди на холандскиот фудбал, кој е екс-селектор на „лалињата“.

Многу имиња во последниот период се поврзуваа со клупата на Косово, откако северните соседи го сменија Бернар Шаланде од клупата после лошиот мундијалски квалификациски циклус, па Словенецот Примож Глиха привремено ги водеше последните два меча.

Сега Косовците се во потрага за нов тренер, а од федерацијата најавуваат само дека на клупата нема да седне „анонимус“, но за косовскиот портал не потврдуваат дали Ван бастен е прва опција освен дека „има многу заинтересирани кои пратиле свое си-ви со интерес да седнат на клупата“.

Ван Бастен беше селектор на Холандија од 2004 до 2008 година, а беше тренер и на Ајакс, Херенвен и АЗ Алкмар, а во периодот од 2016 до 2018 година беше дел и од ФИФА како технички директор и беше во Скопје на отворањето на Академијата на ФФМ, која се изгради со пари од „ФИФА Форвард-програмата“.

Претходно прва опција на Косовците беше бразилската легенда Роберто Карлос, но преговорите пропаднаа, а и навивачите не беа воодушевени од изборот, зашто екс-фудбалерот на Реал Мадрид шест години не работи никаде.