Манев: Сакам да останам во Вележ, преговорите се во тек!

Поранешниот вардаров дефанзивец Коста Манев, кој летоска се пресели во мостарски Вележ сака да остане во својот актуелен клуб, иако договорот му завршува за неколку денови, па стоперот призна за босанските медиуми дека преговорите се во тек за нова соработка.

Манев кој брзо ги освои симпатиите на навивачите на Вардар, експресно се снајде и во Мостар, па до прекинот на сезоната беше еден од најдобрите странци во босанската Премиерлига.

„Тоа што можам да го кажам дека има заеднички интерес за да продолжам да играм за Вележ. Заедничка е желбата да ја продолжиме соработката. Договорот кој го имам ми истекува, ама веќе почнавме преговори за нов договор и сè што можам да кажам засега е дека преговорите се во тек“, вели Манев.

Останува да се види дали брзо ќе се договорат Манев и Вележ или македонскиот дефанзивец ќе бара нов клуб, а според најавите од БиХ на негова адреса има сериозен интерес и од други клубови.