Касата се наполни во Загреб и Белград: Динамо и Ц. Звезда се збогатија од ЛШ!

Загрепски Динамо и белградска Црвена Звезда се збогатија од учеството во Лигата на шампионите во оваа сезона, откако заедно стигнаа до скоро 60 милиони евра за учеството во мултимилионската елита, што е неверојатен приход за клубовите од регионов, најмногу поради слабите приходи што двата клуба ги имаат од ТВ-прватата и маркетингот во домашните натпреварувања.

Динамо, чиј член и капитен е македонскиот репрезентативец Аријан Адеми стигна до заработка од 30 милиони евра за настапот во ЛШ и за четири милиони евра е поуспешен од својот некогашен голем ривал во поранешна Југославија, најмногу поради подобриот коефициент за кој однапред се добиваат пари, како и за двата бода повеќе освоени во оваа сезона. Динамо стигна до пет бода во групите, додека Ц. Звезда освои само три.

Загрепчани до своите 30 милиони евра стигнаа со наградата за пласман од 15,25 милиони евра во групите, 7,7 милиони евра бонус според коефициентот и ранкингот, како и три милиони евра од вредноста на маркет-пазарот, плус 2,7 милиони евра за победата против Аталанта во првото коло и уште 1,8 милиони евра за двете ремија со Шахтер (реми се наградува со по 900.000 евра). Плус, „модрите“ имаат приход од скодо два-три милиони од продадените билети за мечевите.

За разлика од загрешчани, поранешниот европски првак Ц. Звезда има вкупен приход од 26,6 милиони евра. Белграѓани добија како и Динамо, 15,25 милиони евра за пласманот, 2,2 милиони за ранкингот и коефициентот, па 2,7 милиони евра за победата против Олимпијакос. Заработија точно 6,3 милиони евра од продажбата на влезници, а на сите овие пари уште два-три милиони од маркет-пулот на УЕФА.

Двата гиганти од регионов до последно коло се бореа за европска пролет, која дополнително ќе им ја наполнеше касата, но не успеаа во целта, па ги завршија европските настапи. Но, севкупно, финансискиот бенефит за двата тима е исклучително голем, кој сега им дава простор за нови инвестиции во клубот, од кои во следната година би очекувале уште подобри резултати.

Ц. Звезда лани од дебитантската сезона во ЛШ, но и со трансферите заработи 60 милиони евра, а Динамо допрва очекува уште повеќе да се збогати, зашто на ред е продажбата на својот најдобар играч Дани Олмо од кого најмалку очекуваат 40 милиони евра приход.