
Хрватскиот третолигаш им дели лекции на балканските клубови - пак продаде фудбалер за милионска отштета
Големиот хрватски талент Лео Бартоловиќ, роден 2007 година, се сели во Шарлот за отштета од 1,5 милион евра, заедно со бонуси, со што Кустошија продолжува да им дели лекции на балканските клубови. Уште поинтересно е тоа што Бартоловиќ воопшто не игра за сениорскиот тим на Кустошија, туку е член на јуниорскиот тим на овој клуб и сезонава на 22 натпревара постигна 9 гола. Вниманието врз себе го привлече лани кога на 35 настапи забележа 28 гола.
Кустошија е клуб на еден од највлијателните менаџери во регионот, Енди Бара кој ја претвори екипата во расадник за таленти. Неговата агенција управува со имиња како Алваро Мората, Ловро Мајер и Џонатан Иконе. Првиот голем успех на Кустошија беше трансферот на Сенегалецот Микаил Фаје во Барселона за 1,5 милиони евра, со последователен трансфер во Рен за над 10 милиони евра. Лани, напаѓачот Дино Клапија премина во Лајпциг за три милиони евра, а минатото лето 16-годишниот Нико Томашевиќ го следеше со трансфер вреден еден милион евра, со потенцијални бонуси до три милиони евра.
Кустошија моментално е седмопласирана во хрватската Трета лига, но клубот гради силен тим од младински категории, кои успешно се натпреваруваат со водечките клубови во Хрватска.