Хајдук требаше да се бори за титула, а бележи најлоши резултати во клупската историја

Поради малиот пад на Динамо, пред почетокот на оваа сезона во Хајдук се надеваа дека ќе стават крај на дводеценискиот пост и конечно ќе освојат титула во домашното првенство.


На еден месец пред крајот на шампионатот, извесно е дека тоа нема да се случи бидејќи негативата во однос на лидерот Риека е голема. Токму во овој период се очекуваше Хајдук да биде најсилен, поради играњето на Иван Перишиќ, а се случи спротивното.

Во текот на викендот, Хајдук на домашен терен загуби од Осиек со 1-2 што беше петти пораз по ред во сите натпреварувања. Таква серија сплитскиот тим немал од 1980 година кога во рамките на југословенското првенство загуби од Динамо, Будуќност, Црвена Звезда, Раднички и Вардар.

Освен тоа, првпат во својата 113-годишна историја, Хајдук доживеа четири порази по ред на домашен терен, сметајќи ги сите натпреварувања: два пати од Динамо и по еднаш од Локомотива и Осиек. Последниот триумф на Пољуд, Хајдук го оствари на 2 март, против Истра.