Ептен луд крај на најлудото првенство во Европа!

Фудбалска Европа го доби последниот шампион за сезоната 2019/20, откако Клуж се закити со титулата во Романија по вечерашната победа на гости против Крајова (3-1).

Романското првенство веќе е прогласено за најлудо, бидејќи матичната федерација на само неколку часа пред дуелот реши дека Клуж и Крајова вечерва ќе играа своевидно финале, иако тоа не беше пресметка од последното коло. Причина за ваквата одлука е насоката на УЕФА дека сите европски првенства мора да завршат најдоцна до 3 август на полноќ, па Романците беа приморани на вакво лудо сценарио само за да го „фатат возот“ и да останат дел од европските клупски натпреварувања.

Екипите немаа идентичен број одиграни средби, поради што моменталната табела не можеше да се искористи, па соломонско решение беше првите два тима првакот да го решат во еден меч, со оглед што разликата помеѓу нив беше два бода. Во случај на нерешен резултат планирани биле пенали.

За Клуж, кој имаше два бода повеќе од Крајова, ова е шеста шампионска круна во историјата.