Даци со асистенција, Коњаспор во четвртфинале на Купот на Турција (ВИДЕО)

Македонскиот младински репрезентативец Ердон Даци запиша денеска асистенција во победата на неговиот Коњаспор против Газиантеп со 2-1 за пласман во четвртфиналето во Купот на Турција, каде ќе игра уште еден македонски интернационалец – Адис Јаховиќ.

Откако Даци блесна со два гола против великанот Галатасарај, денеска младинскиот офанзивец имаше асистенција за првиот гол, кој го постигна Аничич. После корнер во 11-та минута, Даци на првата статива беше највисок, па обидот испадна асистенција за соиграчот, кој од непосредна близина ја затресе мрежата.

Коња победата и четвртфиналето го завери на пет минути пред полувремето кога Сахинер погоди за да го дуплира водството, а Газиантеп успеа само да стигне до почесен гол во четвртата минута од судиското надополнување во мечот преку Демир.

Јаховиќ вчера даде гол за Анталчијаспор и пласман во четвртфиналето во убедливиот триумф со 3-0 против Бурсаспор на гости.