Ц. Звезда по 28 години го доби оригиналниот пехар за светски првак (ВИДЕО)

Белградскиот великан Црвена Звезда после 28 години откако во Токио се круниса за светски клупски шампион го доби оригиналниот пехар, кој генерацијата од 1991 година го освои против Коло Коло со триумфот со 3-0.

Пехарот за светскиот првак дојде во Белград, откако ФИФА и официјално ги призна сите освојувачи на тогашниот Интерконтинентален куп како светски шампиони во историјата, зашто оваа пресметка на европскиот и јужноамериканскиот првак до неодамна се сметаше како неофицијално светско првенство. Интерконтинентаниот куп се играше од 1960 до 2004 година, кога ФИФА воведе Светско клупско првенство, а лани на Советот на ФИФА беше донесена одлука сите прваци да се признаат како официјални светски шампиони.

Досега во музеите на европските и јужноамериканските великани беше само пехарот од спонзорот „Тојота“, но не и официјалниот пехар, па сева Ц. Звезда го добива трофејот, како што ќе го добијат и сите останати освојувачи на Интерконтиненталниот куп и така музеите ќе им бидат пополни за еден голем трофеј.

Ц. Звезда во таа 1991 година стана европски првак на 29 мај по триумфот на пенали против Олимпик Марсеј со 5-4 (0-0 по 120 минути игра), а клучниот пенал за победа го даде македонската легенда Дарко Панчев. На 8 декември во Токио, Ц. Звезда славеше со 3-0 против Коло Коло со два гола на Владимир Југовиќ и еден на Панчев. Во најголемите успеси на белградскиот тим незаменлива алка беше и вториот Македонец, Илија Најдоски.