Ц. Звезда не влезе на Косово, ама слави победа: Покажаа дека не ги почитуваат ФИФА и УЕФА!

Белградска Црвена Звезда денеска не влезе на Косово за да го одигра мечот од Купот на Србија со Трепча во Косовска Митровица, откако на граничниот премин Јариње, белградскиот клуб не беше пуштен да влезе на територијата на независната држава, која Србија не ја признава.

Иако мечот не се одигра, поради неможноста на српскиот првак да дојде до Митровица, сепак во великанот слават победа и тоа „дипломатска“, зашто имаа решение од ФИФА дека мечот може да се одигра во Митровица.

„Сите сме сведоци за тоа што се случи, а дојдовме само да играме фудбал. Иако ФИФА реши мечот да се игра на Косово, косовските институции го забранија тоа. Јас бев на чело на колоната, кога ги прашав зошто ни е забранет влезот. Само ни одговорија дека тоа е одлука на властите на Косово. Жал ми е што народот остана без еден голем спортски настан. Тие само покажаа дека сето ова беше една – фарса! Бараа УЕФА и ФИФА да се вклучат, ама сега покажаа дека ништо и никого не почитуваат. Ние имавме допис од ФИФА во кој таа јасно даде препорака мечот да се игра на Косово. Трепча таму ги игра своите мечеви и немаше причина да не се игра таму. Ова е само една голема дипломатска победа на Ц. Звезда и на ФСС“, вели генералниот директор на белграѓани, Звездан Терзиќ.