Бурно на „Максимир“: Адеми и другарите го одбиле жестокото кратење на платите!

Откако Динамо Загреб го претстави својот финансиски план во кризниот период порари пандемијата со коронавирусот, според кој секој фудбалер до крајот на годинава ќе остане без третина плата, а втората третина ќе им се исплаќа одложено откако ќе се рестартира сезоната, сериозна криза го затресе „Максимир“ зашто предлогот го одбиле македонскиот репрезентативец Аријан Адеми како капитен и останатите фудбалери на „модрите“.

Хрватски „Индекс“ објави дека целиот фудбалски погон од А-тимот сосе тренерот Ненад Бјелица го одбиле предлогот на клубот, кој со кратењето на платите сака да се заштити со евентуална поголема финансиска криза, но во ек на најголемите успеси и сериозните приливи во касата од настапите во изминатите две сезони, фудбалерите не сакаат помалку пари.

Најниската плата во Загреб во професионалниот погон е 100.000 евра годишно, а тренерот Ненад Бјелица има 1,5 милиони евра нето, додека Адеми над половина милион евра со новиот договор што неодамна го потпиша.

Дека нема прифаќање на понудата од Динамо е последното соопштение во кое клубот им се заблагодари на сите членови на Б-тимот и на сите вработени за прифаќањето на мерките, но не и на првиот тим, кој очигледно не сакаат вакви непопуларни потези со кои се удира по нивниот џеб.